Со носењето на Законот за платниот промет во 2007 година, беше воведена одредба според која друштвата, како учесници во платниот промет, не можат да вршат плаќање со пресметка доколку имаат блокирана трансакциска сметка. Притоа, законот го дефинира плаќањето со пресметка како меѓусебно намирување на паричните обврски и побарувања меѓу учесниците во платниот промет со компензација, асигнација, цесија, преземање на долг и други облици на меѓусебно намирување на обврски и побарувања.
Истата забрана е применлива и за буџетските корисници, единките корисници и другите институции кои имаат сметки во Трезорската главна книга, како и јавните здравствени установи.
Сепак, заради разни околности, примената на предметната забрана за друштвата за плаќања со пресметка беше постојано одложувана и не стапи во сила. За разлика од друштвата, соодветната забрана за буџетските корисници стапи во сила од нејзиното воведување и истата е во примена до денешен ден.
Во 2022 година Законот за платниот промет беше заменет со новиот Закон за платежни услуги и платни системи. Одредбите за плаќање со пресметка од претходниот закон се пренесени на идентичен начин во новиот закон. Притоа, примената на забраната за друштвата со блокирана платежна сметка да плаќаат со пресметка се одложи до крајот на 2023 година.
Почнувајќи од 1 јануари 2024 година, Закон за платежни услуги и платни системи не беше изменет во насока на дополнително одлагање на предметната забрана за плаќање со пресметка. Дополнително, Министерството за финансии подготви измени на Законот за платежни услуги и платни системи, кои се наоѓаат во собраниска процедура. Но, и со овие законски измени не се предлага одлагање или било какво продолжување на рокот за примена на предметната забрана за плаќање со пресметка.
Согласно наведеното, почнувајќи од 1 јануари 2024 година во сила и целосна примена е законската одредба според која друштвата со блокирана платежна сметка не можат да вршат плаќања со пресметка (компензација, асигнација, цесија, преземање на долг и сл.).
Доколку на вашето друштво му биде понудено од страна на добавувач, соработник или клиент („Договорна страна“) намирување на меѓусебните парични обврски и побарувања со пресметка (компензација, асигнација, цесија, преземање на долг и сл.), можно e да бидете изложи на одредени правни ризици доколку платежна сметка на Договорната страна е блокирана, како на пример:
- утврдување на ништовност на намирувањето со пресметка во судска постапка од причина дека истото е незаконито,
- зголемен ризик од покренување на постапки за побивање на должникови дејствија и обесштетување од страна на доверителите на Договорната страна, и сл.
Доколку сакате да разберете повеќе за ова прашање или пак да се информирате како да воведете соодветни заштитни механизими, слободно контактирајте не.
Attorney-at-law , Papazoski and Mishev Law Firm, Macedonia
Tel: +389 23140 940